Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски, неодамна вторпат сезонава ја сопре големата Барселона, најзаслужен за победата на Рајо среде „Ноу Камп“, со што повторно го привлече вниманието на Пиринеите.
Неговиот тим приреди уште една сензација, благодарение на одбраните на Димитриевски, кој во Барселона беше со сто раце, или подобро кажано како „октопод“. Димитриевски успеа да ги сопре сите пет удари кон неговиот гол на „ѕвездите“ на Барселона. Македонецот имаше пет одбрани против Каталонците, а неговиот тим со еден единствен удар кон Тер Штеген, стигна до триумфот благодарение на гол во 7. минута.
Сето тоа повторно ја актуелизира темата околу неговиот трансфер кој во јануари го најави ЕКИПА како завршена работа. А, Димитриевски за првпат отворено зборува за најавениот трансфер во каталонскиот гигант.
„Да, искрено да ви кажам се беше завршено со трамсферот, ги договоривме сите детали со Барселона. Но, се чекаше само од клубот да замине вториот голман на Барселона, Нето. Тој од некои причини не сакаше да го напушти клубот, па и поради тоа пропадна мојот трансфер. Инаку, се беше договорено“ – вели Димитриевски во интервју за „Моцарт“, истакнувајќи задоволство што, на крај, остана во Рајо.
„Пресреќен сум кога се зборува за мене за премин во бројни врвни клубот. Но, на крај одлуката да останам беше одлична затоа што имаме феноменална сезона. Се надевам дека на лето, дали Барселона или некој друг клуб, повторно ќе бидат актуелни околу мој трансфер“.
За Столе се останати уште две години од договорот со Рајо Ваљекано, но факт е дека е во вистински години за нов искорак во својата одлична кариера.
„Ние со обезбедениот опстанок во Примера завршивме голема работа. Но, јас отсекогаш тежнеам кон големи нешта. Сега сакам да напредувам, да се преселам во голем клуб кој се бори за титули. Имам договор до 2024 година, но како и секој играч би сакал да напредувам во подобар клуб. Па, ќе видиме што ќе биде ова лето. Чувствувам дека сум во полна сила, па можеби ќе следи и трансфер во некоја друга лига. Навистина сум подготвен за тој следен искорак напред“ – вели Димитриевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА