Наполи се разлути – настрада Сасуоло

Наполи повторно заигра како тим со највисоки амбиции во Калчо-лигата, декласирајќи го составот на Сасуоло со преубедливи 6-1 како јасен знак дека тимот на Елиф Елмас ја надмина резултатската криза откако во претходните три кола освои само еден бод и отпадна од трката за скудетото.

Лучијано Спалети се реши за ултра-офанзивна формација, со Инсиње, Мертенс, Лозано и Осимен во стартниот тим, што вроди со плод уште во првото полувреме. Само по 21 минута игра резултатот гласеше преубедливи 4-0 за Наполи, првите два гола ги постигнаа Кулибали и Осимен по корнерите што ги изведе Инсиње, а по нив во листата на стрелците се запишаа и Мертенс и Лозано.

Мертенс го постигна својот втор погодок во 54. минута, а во финишот Наполи стигна и до шестиот гол на мечот, стрелец беше Рахмани на асистенција на Наполитано. Гостите единствениот гол го постигнаа во самиот финиш, преку Лопез во 87. минута од натпреварот.

Елиф Елмас, кој го пропушти последниот меч со Емполи поради повреда, влезе во игра во 77. минута.

Наполи со оваа победа има 70 бода, четири помалку од лидерот Милан, но и меч повеќе вооднос на „росонерите“.

Се вчитува...