Ренато Санчез го избра Милан

Милан договори уште едно значајно засилување за наредната сезона откако Ренато Санчез ги прифати понудените услови од италијанскиот гигант и во текот на летово би требало да се пресели на „Сан Сиро“.

Португалецот влегува во последната сезона од договорот со Лил и летово сигурно ќе ги промени клупските бои, за него сериозен интерес покажуваше и Арсенал, но Санчез ја прифати понудата на Милан. „Росонерите“ му даваат на одличниот играч за врска плата од 4,5 милиони евра по сезона, плус бонуси во зависност од бројот на одиграни натпревари и освоени трофеи. Иако претходно се шпекулираше дека тој инсистирал на плата од седум милиони евра годишно, последните информации велат дека сите детали се веќе средени и за комплетирање на трансферот останува двата клуба да ја договорат висината на отштетата.

Милан е подготвен да плати 20 милиони евра за овој фудбалер, Лил бара 30 милиони, но се очекува двата клуба да најдат заеднички јазик и до крајот на месецот да го договорат трансферот. За потсетување, овие два клуба веќе го договорија трансферот на дефанзивецот Ботман на „Сан Сиро“.

„Росонерите“ го имаат договорено и пристигнувањето на Дивок Ориги, кој ќе потпише како слободен играч по истекот на договорот со Ливерпул.

Се вчитува...