Ракометната Федерација на Македонија денеска го одржа редовното Годишно Собрание на кое беа присутни 50 од вкупно 54-те делегати со право на глас.
Собранието мина експресно откако беа изгласани редовните извештаи за работата на федерацијата, а под точка разно беше изгласан и новиот систем на натпреварување за Супер-лигата за сезоната 2022/23.
Воедно, беше презентиран и планот за промени на системот на натпреварување на младинските лиги, што дефинитивно ќе се реализира по завршувањето на сезоната, кога ќе биде утврден и бројот на клубови кои ќе се натпреваруваат во овие лиги за наредната сезона.
„Приходите на РФМ за 2021 година изнесува 115.137.311,00 денари, додека расходниот дел е во износ од 107.436.384,00 денари. Овој дел се однесува на водење на сите лиги на РФМ, националните селекции, расходи на организацијата меѓународни и Куп натпревари и квалификациски турнири, трошоци за ракометниот турнир во Струга, трошоци за развој на младински ракомет, учество на меѓународни натпревари во сите категории, како и редовните режиски расходи на канцеларијата на РФМ. Финансиските средства останати од буџетот од 2021 година се искористени за учество на машката сениорска репрезентација на Македонија за ЕП 2022 година во Унгарија и Словачка, а дел од ќе бидат искористени за следните квалификациски мечевиво 2022 година на машката сениорска репрезентација за учество на СП во Шведска и Полска 2023 година. Маркетинг: Надзорната комисија констатира дека во делот на приходи е реализиран во износ од 2.995.000,00 денари, додека расходот е 2.851.169,00 денарии истиот се однесува на расходи од тековното работење на РФМ Маркетинг ДООЕл. Остварен е позитивен резултат, добивката на Маркетинг ДООЕЛ пред оданочување изнесува 143.831,00 денари“, се вели во финансискиот извештај од работењето на Ракометната Федерација на Македонија.
„Како национална куќа на ракометот, РФМ ќе продолжи да го дава својот максимум во смисол на комплетна логистика, поддршка за развој и оддржливост на македонскиот ракомет. Нашата задача како федерација е да промовираме позитивни вредности, посветено и систематско работење, придржуваји се до сите важечки прописи и кодекси на однесување кои сите чинители во ракометниот спорт треба дисциплинирано да се почитуваат. Би сакале да упатиме огромна благодарност до сите ракометни работници, до членовите на УО на РФМ, Агенцијата за Млади и Спорт и сите ценети спонзори за нивната несебична поддршка во овие кризни времиња. Претстои период полн со тешки предизвици во кој сите заеднички и посветено треба да работиме со една иста цел – развој и промовирање на македонскиот ракомет“, порачаа од раководството на Ракометната Федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА