Валенсија претрпе пораз на гостувањето против Гран Канарија, каде Ненад Димитријевиќ и неговите соиграчи загубија со резултат 89-83. По елиминацијата од Еврокупот од Виртус Болоња, тимот на Валенсија одигра уште еден катастрофален меч во одбраната, дозволувајќи му на противникот да влезе во шутерски ритам, по што убедливиот пораз беше неизбежен.
Гран Канарија со неколку прецизни тројки влезе во ритам од самиот почеток, во втората четвртина го имаше и првото двоцифрено водство, но Валенсија сепак успеа да се врати. Како пресудна се покажа третата четвртина што домашните кошаркари ја добија со 28-12, трасирајќи си го патот до победата. Гран Канарија го контролираше резултатот до три минути до крајот, Валенсија успеа да влезе во серија и значително ја намали негативата, но гостите немаа сили за целосен камбек на овој натпревар.
Дури и во ситуација кога Хермансон не е во тимот, а повреден е и Препелич, тренерот Пењароја повторно не му укажа преголема доверба на Ненад Димитријевиќ. Македонскиот репрезентативец имаше добри бројки од 12 поени (4/4 од поле, 4/6 за слободни фрлања) и шест асистенции, но на теренот мина скромни 16 минути.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА