Барселона е многу блиску до билет за фајналфор турнирот во Келн откако каталонскиот гигант славеше на денешното гостување во Германија против Фленсбург (29-33). Тоа беше меч во кој Барса имаше доминација од самиот почеток, каталонците имаа максимални „плус седум“, предност што до крајот се истопи, но не го менува фактот дека Фленсбург со минимални шанси ќе патува на реваншот во Шпанија.
Голманот Перез де Варгас во голем стил го почна вечерашниот дуел, а Барса знаеше како да го искористи тоа и уште од раната фаза да наметне темпо што домаќините не можеа да го следат. Раното водство на гостите од 3-10 беше најава за дебакл на домашниот состав, кој успеа да се консолидира, на одмор заминувајќи со резултат 13-19. Барселона беше подобар ривал и на стартот од вториот дел, враќајќи се на најубедливите „плус седум“ (17-24), но домаќините конечно успеаја да влезат во ритам, па со фуриозни пет-шест минути намалија на само три гола негатива (22-25).
Фленсбург не искористи и напад за да намали на два гола разлика, по што Барса рутински го приведе мечот до крај , обезбедувајќи си предност од четири гола пред реваншот на домашен терен.
Убедливо најдобар поединец беше катарскиот пивот Бен Али, кој го искористи неиграњето на Фабрегас за блесок и осум гола од исто толку обиди. Мем постигна шест, а Гомез Абелјо пет погодоци за Барселона, додека прв стрелец на Фленсбург беше Емил Јакобсен со девет постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА