Пари Сен Жермен и Кил одиграа без победник 30-30 во првиот натпревар од четвртфиналниот двомеч во ракометната Лига на шампиони. Борба на два мега тима кои се меѓу фаворитите и за освојување на елитното натпреварување, а патникот на Ф4 во Келн ќе го дознаеме на реваншот кој ќе се игра во Германија за осум дена.
Гостите од Германија фуриозно го отворија натпреварот и многу брзо стигнаа до предност од плус четири (1-5). Оваа предност ја одржуваа се до последните десет минути од првото полувреме кога домаќините заиграа далеку подобро и успеаја целосно да се вратат во мечот и да израмната на (11-11). Сепак, Германците успеаја да се консолидираат и на пауза да заминат со предност од два гола (14-16).
„Зебрите“ одлично го стартуваа и второто полувреме и брзо повторно стигнаа до највисоката предност од плус четири (16-20). Следуваше нов одговор на избраниците на Раул Гонзалез кои во 41. минута намалија на само еден (19-20), а некаде на средината на вториот дел успеаја повторно целосно да се вратат во мечот и да стигнат до израмнување (21-21).
Натпреварот влезе во неизвесна завршница во која ниту еден од тимовите не успеа да дојде до било каква позитива пред реваншот, а мечот заврши нерешено (30-30). Недим Ремили со осум гола беше најдобар поединец во таборот на домаќините, додека кај гостите Сандер Сагосен заврши со шест погодоци.
Реванш натпреварот меѓу Кил и Пари Сен Жермен кој ќе се игра во Германија е закажан за следниот четврток. Во првиот натпревар од четвртфиналната понуда Барселона славеше со 29-33 на гостувањето кај Фленсбург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА