Веспрем е на добар пат да се најде на уште еден фајналфор во Келн откако по првиот натпревар против Алборг стигна до предност од 36-29. Унгарците кои важеа за фаворити на денешниот меч, улогата ја потврдија во вторто полувреме во кое одиграа одлично во нападот и одбраната за голема предност пред реваншот во Данска.
На денешниот натпревар за прв пат по подолга пауза поради повреда настапи и македонскиот репрезентативец Дејан Манасков, а се запиша и во листата на стрелците со еден гол од два обида.
По изедначената игра во воведните минути Веспрем прв ја превзема иницијативата и со серија од 4-0 поведе со 11-7, но гостите веднаш возвратија со своја серија од 3-0 со што не дозволија домаќините да направат значајна предност. Во поголемиот дел од првото полувреме Унгарците продолжија да го контролираат резултатот, но мораа да се задоволат со само 17-16 по 30. минути игра.
Добрата игра на Веспрем продолжи и во второто полувреме кое во целост им припадна на домаќините. Унгарците од минута во минута ја зголемуваа предност па стигнаа до позитива од шест гола (24-18) која беше задржана во поголемиот дел од мечот, а Веспрем го постигна и последниот гол на мечот за „плус“ седум.
Маргуч беше лидер на Веспрем со седум гола, шест додаде Омар, а со по пет гола мечот го завршија Нилсон и Мехе. Шест гола за гостите постигна Јул-Ласен, а по пет додадоа Сандел и Бјорнсен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА