Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се сретнат вечерва во големото финале на Купот на Македонија, нова пресметка на големите ривали кои квалитативно се далеку пред останатите екипи на домашната ракометна сцена. Вечерашниот дуел (19 часот, сала „Јасмин“ во Кавадарци) ќе биде и реприза на ланското куп-финале, во кое во скопска Автокоманда Вардар по голема битка славеше со 26-24.
„Вардарци“ пред петнаесетина дена со големата победа во Битола направија џиновски чекор напред кон титулата, а вечерва ќе настојуваат да стигнат до нова двојна круна. Тие во полуфиналето го совладаа вториот тим на Еурофарм Пелистер, но јасно е дека денешното финале ќе донесе далеку потешка задача за избраниците на Давид Дејвис.
„Нашата желба е јасна – да се закитиме со трофејот во Купот на Македонија. Остануваме фокусирани и на ова натпреварување како и на плејофот, каде ни преостануваат уште две кола во трката за титулата“, истакна Томовски.
Во нападот на Вардар се повеќе блеска Филип Талески, кој одлично се снаоѓа во улогата на лидер на бековската линија на „црвено-црните“.
„Ќе сториме се за да стигнеме до трофејот. Во однос на полуфиналето, денеска дефинитивно ќе мораме да го намалиме бројот на технички грешки и загубени топки“, истакна Талески.
За Еурофарм Пелистер денешното финале е можност да се стигне до „утешниот трофеј“, откако битолчани потфрлија во клучниот меч за титулата на домашен терен одигран на 1 мај. Токму тој пораз ќе биде мотив плус за тренерот Бабиќ и голем дел од ракометарите кои летово ќе си заминат, со трофеј да го напуштат битолскиот клуб.
„Им честитам на моите момци за доброто издание и контролираниот резултат во полуфиналето. Ние сега се насочуваме кон финалето и очекуваме освојување титула. Очекувам уште една тешка средба против Вардар“, истакна Бабиќ по полуфиналниот триумф над Бутел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА