Неверојатната Младеновска донесе куп титула за ЖРК Металург

ЖРК Металург е освојувач на Куп титулата во женска конкуренција, откако во финалниот меч на Ф4 турнирот во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци славеше над Ѓорче Петров со 30-27. Иако во еден момент Металург имаше предност и од девет голови, ѓорчепетровки успеаја да го внесат натпреварот во неизвесна завршница.

Ракометарките од Автокоманда подобро го отворија натпреварот и по шест минути игра ситгнаа до високи плус три (4-1). Амра Илјаз продолжи со одличната партија на голот на Металург, што доведе по десет минути игра ракометарките на Јулијана Дамчевска да ја задржат предноста од три гола (5-2).

Пеналите го одржуваа тимот од Ѓорче Петров во негатива од три гола, а при резултат (7-4) во 15. минута, тренерот Симе Симовски се одлучи да го побара првиот тајм-аут на натпреварот. По тајм-аутот ѓорчепетровски успеаја да постигнат два гола во низа и да намалат само на еден гол (7-6), по што и тренерот на Металург, Дамчевска го повика својот прв тајм-аут. По паузата следеше нов гол на тимот од Ѓорче Петров, по што по почетните 1-1, избраничиките на Симовски повторно стигнаа до израмнување (7-7).

Металург врза нова серија на погодоци и на крилата на супер талентот Ива Младеновска повторно стигна до највисоките плус три (11-8) во 22. минута. Следеше нова одбрана на одличната Илјаз, а веќе во следниот напад за првпат номиналните домаќинки дојдоа и до плус четири (12-8). Илјаз продолжи со неверојатната партија на голот на Металург на минута до крајот од првиот дел стигнаа и до огромни плус шест 16-10. Ѓорче успеа во финишот да постигне два гола и на полувреме да замине со негатива од минус четири (16-12).

Металург почна фуриозно и во вториот дел и по само три минути игра стигна до највисоки плус седум (19-12). Девојките од Автокоманда продолжија да газат, а по седум минути во вториот дел успеаја да направат предност и од плус осум (21-13), по што тренерот на Ѓорче мораше да реагира со нов тајм-аут.

По катасторфалниот старт на второто полувреме, ѓорчепетровки влегоа во ритам и на десет минути до крајот на мечот успеајада стигнат до пристојни минус четири (25-21). Следеше нова грешка на избраничките на Дамчевска, по која Ѓорче намали на само три (25-22), прет последните осум минути.

Кога беше најтешко најмладата на теренот, неверојатната Ива Младеновска презеде се во свои раце и успеа даја одржува предноста на ЖРК Металург од три разлика (27-24). Продолжи израмнетата игра, а на две минути до крајот Ѓорче стигна на само минус два (29-27). Избраничките на Симовски не го реализираа следниот напад, по што веќе и сигурно беше дека куп титулата по пауза од девет години заминува во Автокоманда.

Ива Младеновска со девет погодоци повторно беше убедливо најдобар поединец на теренот, додека Божиновска додаде осум. Кај поразените Симона Стојановска заврши со осум.

Ова за ЖРК Металург е петта титула во Купот на Македонија, а прва по пауза од девет години.

Пред почетокот на финалето благодарници од Ракометната федерација на Македонија добија долгогодишниот судија Јово Василев, како и ГРК Тиквеш за успешната организација на Ф4 турнирите во машка и женска конкуренција.

Се вчитува...