Кјелце му се приклучи на Веспрем на Ф4 во Келн

Полскиот Кјелце е вториот патник на фајнал-фор турнирот во ракометната Лига на шампиони кој ќе се игра во „Ланксес арената“ во Келн. По победата на гостувањето во Франција, Полјаците беа подобри од Монпелје и во реваншот, овојпат со убедливи 30-22.

Избраниците на Талант Дујшебаев фуриозно го отворија натпреварот. Одиграа неверојатно во одбраната и со лесни голови во нападот, на полувреме заминаа со огромни плус седум (15-8).

Во вториот дел полскиот шампион само рутински го приведе мечот до самиот крај за конечни 30-22. Арцем Каралек со седум гола беше убедливо најдобар поединец во таборот на победникот, додека кај поразените со ист број погодоци заврши Жулиен Бос.

Претходно денеска учество на Ф4 во Келн обезбеди и македонскиот репрезентативец, Дејан Манасков кој со неговиот Веспрем беше подобар од данскиот Алборг.

Се вчитува...