Голманот Христијан Стевковски е херојот на Македонија ЃП. Тој вчера одбрани зицер во регуларниот дел, а потоа и два пенали во пенал серијата, со што беше најзаслужен за освојувањето на големиот пехар. Стевковски веќе имаше „искуство“ на пеналите, со оглед дека неговиот тим со четири победи на пенали стигна до трофејот во Купот.
Стевковски за „ЕКИПА“ најпрво го коментираше самиот натпревар, а потоа како му успеа да одбрани два пенали во серијата, и така да му овозможи на својот тим да дојде до трофејот.
„Ја завршивме сезоната на најдобар можен начин, но и на најзвобудлив и така е најслатко. За натпреварот што да се каже, беше тврд, неизвесен, меѓутоа сметам дека доминиравме во текот на целиот меч, а противникот се бранеше со сите сили. За оваа победа заслужен е целиот тим, тоа што дишеме како едно во текот на целата сезона и сплотени сме и во добро и во лошо. Голема благодарност на сите во клубот и на нашите навивачи кои не бодреа и без нив немаше да успееме во нашите цели“, рече Стевковски.
Македонија ЃП со четири победи на пенали стигна до трофејот. Има ли нешто посебно во бранењето на пенали, одговора голманот херој.
„Штом нешто се случува четири пати, значи не е случајно, зарем не? Морам да ги пофалам и играчите кои добро шутираа, и без тоа моите одбрани ќе беа залудни. Не постои некоја посебна тајна за пеналите. Тоа е момент на инстикт, но секако и на анализата коај ја направивме. Секако дека и тоа ни помогна“, рече Стевковски.
Околу идните планови, Стевковски беше краток и дециден.
„Сега следува одмор, потоа подготовки за новата сезона, а јас се надевам дека и натаму ќе бидам дел од оваа убава приказна“, заврши чуварот на мрежата на „лавовите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА