Димитријевиќ почна маестрално, но го промаши клучниот шут на стартот од плејофот

Валенсија загуби со 79-80 на премиерниот меч од плејофот против Басконија, со што тимот на нашиот Ненад Димитријевиќ ја загуби и предноста на домашен терен во оваа серија. Македонскиот репрезентативец ја презеде одговорноста при последниот напад на Валенсија, но не успеа да реализира со помош на таблата.

Басконија беше подобар тим во голем дел од мечот, гостите на полувреме имаа осум поени предност, а во третата четвртина стигнаа и до „плус десет“. Домашниот тренер тогаш за првпат го внесе во игра Мајк Тоби, а токму Американецот со словенечки пасош успеа да го разбуди нападот на Валенсија и да ја истопи предноста на гостинскиот состав. Валенсија дури и имаше предност од четири поени (79-75) на две минути до крајот, но домашните кошаркари потфрлија кога беше најважно, не постигнаа поени во завршницата и го загубија овој драматичен дуел.

Димитријевиќ го почна натпреварот со фантастични 7/7 за два поени, но македонскиот репрезентативец ги промаши наредните четири шутеви, завршувајќи го дуелот со 15 поени, шест асистенции и една украдена топка.

Се вчитува...