Во организација на едриличарскиот клуб „Меч Рејс“ од Охрид, а со поддршка на Општина Охрид, Едриличарска Федерација на Македонија и Агенција за млади и спорт, изминатиов викенд во Охрид се одржа првата етапа од третиот по ред Меч Рејс Куп – Охрид 2022.
Се натпреваруваа четири тимови од три клуба „Нов Ветер“ од Скопје, „Акватика Јахтинг“ и „Меч Рејс“ од Охрид, при што победник на првата етапа е тимот од „Акватика Јахтинг“, во состав Стефан Ставрев, Марко Пројчески и Евгенија Огненова. Со оваа победа, тие обезбедија учество на финалето на овогодинешниот Меч Рејс Куп, кое ќе се одржи во октомври 2022 година и ќе има меѓународен карактер.
„Match Race” е дисциплина во спортско едрење, во која меѓусебно се натпреваруваат повеќе тимови во две идентични едрилици. Тоа е еден-на-еден дуел, во кој секој тим има своја стратегија и тактика за остварување на крајната цел, први да ја поминат целната линија.
„Целта на овој настан е подигнување на имиџот на едрењето, односно едрењето да се претстави како врвен професионален спорт и да се промовира можноста за развој на спортскиот туризам во Охрид и на Охридското Езеро, една од гранките во туризмот со огромен потенцијал за развој“ – потенцираат од Општина Охрид кои се покровители на овие едрилчарски трки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА