Роналдо останува во Јунајтед: Да го вратиме Манчестер онаму каде што припаѓа

Ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо се чини дека својата кариера ќе ја продолжи на „Олд Трафорд“. Португалецот потенцираше дека е среќен што игра во клубот во кој го има развиено својот талент, место од каде започнаа неговите најголеми успеси во кариерата.

Роналдо се надева на нова револуција и успешна мисија со доаѓањето на новиот шеф Ерик тен Хаг. Тој индиректно потврди дека ќе остане и покрај тоа што Јунајтед не обезбеди пласман во Лигата на шампионите. Португалскиот репрезентативец минатото лето сензационално се врати во клубот од Премиерлигата, но помина разочарувачка сезона откако „црвените ѓаволи“ на крај се задоволија само со шестото место во последниот ден од сезоната.

37-годишниот фудбалер има уште една година од договорот со клубот, а и покрај неодамнешните проблеми на „црвените ѓаволи“, останува оптимист за иднината на Јунајтед под диригентска палка на Тен Хаг. „КР7“ потенцираше дека работите во Јунајтед мора да се променат.

„Среќен сум што се вратив во Јунајтед, каде што ги направив најважните чекори во мојата кариера. Чувството беше неверојатно. Беше убаво да се почувствува поддршката од навивачите и нивната среќа. Сè уште сум среќен што сум тука. Морам да кажам дека уште верувам во голем Јунајтед, знам дека овој тим ќе се врати таму каде што природно припаѓа. Многу работи треба да се променат, ќе треба многу време, но не треба да се откажуваме“, потенцираше Роналдо.

Се вчитува...