Партизан ја продолжува потрагата по нов тренер по заминувањето на Александар Станојевиќ, но тоа нема да биде Андреа Пирло. Името на екс-стратегот на Јувентус беше поврзувано од вчера со клупата на „црно-белите“, но директорот Ивица Илиев јасно стави до знаење дека Пирло, ниту пак било кој друг странски тренер не е опција за Партизан во моментов.
Воедно, Илиев потенцираше дека српскиот гигант во најскоро време ќе го реши прашањето околу наследникот на Станојевиќ.
„Ќе работиме напорно и во текот на викендов, се надевам дека веќе утре ќе можеме да го објавиме името на новиот тренер. Не знам дали ќе стигнеме да го потпишеме договорот, но најважно е целосно да ги договориме деталите, потписот можеби ќе следи и некој ден подоцна. Не сакам да откривам имиња, но сигурно нема да биде Пирло ниту било кој друг странец. Секогаш постои јазичната бариера, па проблем додека влезат во систем, да научат како функционираат некои работи во српскиот фудбал, а за сето тоа да се надмине мора да мине извесен временски период. Затоа, многу полесно е да се вклопиме со некој од ова поднебје“, изјави Илиев за српските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА