ЕКИПА во Гибралтар
Владимир Булатовиќ
Македонската репрезентација ги запиша планираните три бода од гостувањето во Гибралтар, славејќи со 0-2 во 2. коло од Групата 4 во Ц-лигата од Лигата на нации, како и пред четири години со по еден гол во двете полувремиња. Во натпревар кој нема долго да се памети, триумфот ни го донесоа двајцата носители на младата репрезентација на Европското првенство У-21 од Полска 2017, капитенот Енис Барди и Бобан Николов.
Селекторот Милевски го стартуваше мечот со двајца дебитанти, Серафимов и Тодороски и неколку измени во првиот тим во однос на дуелот во Бугарија, ротирајќи со составот со оглед на тоа што во јунскиот собир не очекуваат уште два натпревари во Скопје.
Првата 100% шанса за Македонија уште во 8. минута преку Милан Ристовски. Одлично проигрување од Барди за Ристовски, кој одлично се ослободи од двајца домашни дефанзивци шутираше од 12 метри, но гредата го спаси голот на Гибралтар.
Во 19. минута грешка на Висар Муслиу во обидот да додаде до голманот Илиев, пресекува Валарино но за среќа шутира покрај македонскиот гол.
Веќе во следната минута одличен шут на Николов од 20. метри, но домашниот голман брани исфрлајќи во корнер. A, по корнерот извонредно проигрување меѓу Енис Барди и Џани Алиоски, по кое капитенот со мајсторски соло продор се прошета покрај домашната одбрана прецизно стрелајќи од десеттина метри за 0-1.
Во 39. минута одличен шут и на Стефан Спировски од 25 метри, но домашниот голман повторно брани исфрлајќи во нов корнер за Македонија.
Второто полувреме почна далеку помирно од почетокот на натпреварот, па буквално без посериозни шанси на теренот иако македонската селекција повторно го диктираше ритамот. Но, Гибралтарците со далеку поумешна одбрана на средината од теренот, искористувајќи ги и петте промени во македонскиот состав.
Првата вистинска шанса македонската селекција ја имаше во 79. минута кога по проигрувањето од Доријан Бабунски, Бојан Миовски шутира од 15 метри но покрај голот на Гибралтарците.
И, во 84. минута конечно целосно скршен отпорот на домашните. Одлично проигрување од Доријан Бабунски, проигрувајќи го во нападот Бобан Николов кој мајсторски се уфрли во шеснаесетникот на домашните и искористувајќи го невниманието во одбраната ги постави конечните 0-2, за планирани три бода за Македонија.
ЛИГА НА НАЦИИ – Ц-ЛИГА (Група 4 – 2. коло)
ГИБРАЛТАР – МАКЕДОНИЈА 0-2 (0-1)
„Викторија стадион“ во Гибралтар. Гледачи: 1.000. Главен судија: Алан Дурло (Луксембург). Стрелци: Барди 21′, Николов 84′ (М). Ж. картони: Дав. Бабунски (М).
ГИБРАЛТАР: Колинг, Џоли, Висман, Брито, Ториља, Лопез, Енесли, Оливеро, Вокер (87′ Поцо), Валарино (78′ Касиаро), Стич (65′ Кумбс)
Селектор: Хулио Рибас
МАКЕДОНИЈА: Илиев, Тодороски, Серафимов, Муслиу, Алиоски (65′ Ашковски), Николов, Барди, Спировски (46′ К. Ристевски), Елмас (65′ Дав. Бабунски), Трајковски (57′ Миовски), М. Ристовски (57′ Дор. Бабунски)
Селектор: Благоја Милевски
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА