Пелистер успеа да го одбрани домашниот терен и да ја изедначи финалната серија против МЗТ Скопје на 1-1. „Зелено-белите“ одиграа одличен одбранбен натпревар во кој ги лимитираа бековите на противникот и сосема заслужено во продолжение стигнаа до голема победа.
По натпреварот капитенот на битолчани, Бобан Стајиќ не го криеше задоволството од прикажаното на паркетот, а им се заблагодари и на навивачите за поддршката.
„Вечерва уживаа сите љубители на кошарката, без разлика за која екипа навиваа. Битолчани и „Чкембарите“ направија неверојатна атмосфера, каква одамна не е видена на кошаркарските терени. Условите за игра беа тешки, во салата беше многу топло, но публиката ни даде „ветер вo грб“ кога беше најпотребно. Исто како и на првиот натпревар решаваа нијанси. Одбраната беше во преден план, се играше многу цврста кошарка. Имавме шанса да го решиме натпреварот во регуларниот тек, но не стигна заморот во последната минута. Во продолжението покажавме карактер и одигравме цврсто кога се решаваше натпреварот. Имаме малку време до следниот натпревар, но така е и за противникот. Ова е финале и нема простор за калкулации“, вели Стајиќ.
За третиот натпревар кој ќе биде одигран во вторник со почеток од 19 часот, финалната серија се враќа во Скопје и СЦ „Јане Сандански“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

