Успешно гостинско заокружување…, но потребни две домашни победи за супер јунски собир!

Македонската репрезентација генерално според посакувањата ги заврши двете гостински почетни средби од новата сезона во Лигата на нации.

Со четири бода од двете гостувања, од кои и средбата со носителот во групата Бугарија, селекцијата на Благоја Милевски е во добра стартна позиција за супер-заокружување на набиениот јунски собир од дури четири натпревари.

Останува фактот дека Македонија беше подобра на гостувањето во Разград пропуштајќи можност и да триумфира над Бугарија, но јасно е дека уште четири натпреварувачки рунди и тоа како оставаат простор за остварување на целта – првото место во групата и можност за борба до крај за пласман на ЕП 2024. Сепак, за да се остане конкурентен до крај неопходни се сега две домашни победи против Грузија и Гибралтар.

Сосема е јасно дека натпреварот со Грузија во четврток (9. јуни) од 20:45 часот е клучниот за Македонија на овој собир. Не е тајна дека мора да се атакува на трите бода, иако составот на Милевски го очекува повеќе од тешка задача против очигледно разиграните Грузијци.

„Знаеме дека ќе биде тежок натпревар, но ќе го дадеме максимумот за да дојдеме до победата која е многу важна за нас. Секако, јасно е дека ќе ни биде потребна поддршка и од трибините. Посакуваме навивачите во што поголем број да дојдат и да дадат поддршка за репрезентацијата“ – вели Бобан Николов.

По дуелот со Грузија, за Македонија во јунскиот собир потоа ќе остана уште средбата со Гибралтар на 12. јуни повторно на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Се вчитува...