Пауло Дибала е подготвен да го комплетира „предавството на деценијата“ во италијанскиот фудбал и по напуштањето на Јувентус да се пресели во редовите на лутиот ривал Интер.
Аргентинецот се наоѓа на одмор во Мајами со својата девојка, но неговиот агент доцна синоќа ги договорил сите детали од преселбата на „Џузепе Меаца“ што ќе биде официјализирана во наредните неколку дена.
Дибала со самиот трансфер во Интер ќе ги разочара фановите на Јувентус, но нивниот бес е уште поголем откако беа обелоденети финансиските детали – односно фактот дека Аргентинецот во Милано ќе заработува помалку пари од она што му го нудеше Јувентус за да потпише нов договор.
Имено, аргентинскиот напаѓач ќе потпише договор со Интер на три години за плата од шест милиони евра по сезона. Тоа е помалку од оние загарантирани седум милиони евра годишно што му беа на маса од Јувентус, кога Дибала инсистираше на девет милиони евра плус бонуси.
Очигледно, Аргентинецот ги прецени своите квалитети, сите заинтересирани англиски клубови веднаш се повлекоа штом ги слушнаа неговите барања, а Интер го искористи тоа за да ја намали платата на шест милиони, што е одличен бизнис-потег на „нероаѕурите“ со оглед на фактот дека нема да платат ниту едно евро отштета за овој одличен фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

