Миовски: Да извлечеме поуки од синоќешниот пораз, Гибралтар за „лечење на раните“

По убедливиот пораз од Грузија (0-3), македонската репрезентација денеска ги продолжи подготовките за последниот натпревар од јунскиот собир во Лигата на нации против Гибралтар в недела (12. јуни) на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Офанзивецот Бојан Миовски вели дека сите се разочарани од неочекувано убедливиот пораз, но едноставно мора да се извлечат поуки од тој пораз и да се продолжи со високо подигнати глави низ следните натпревари во Лигата на нации… Место за поправка има против Гибралтар в недела.

„Нема лесна репрезентација во денешниот фудбал, знаеме дека Гибралтар го одигра последниот меч со Бугарија, со реми 1-1 и тоа докажува дека се добра репрезентација. Да дадеме максимум и пристапот да ни биде ист и нема да имаме проблем да победиме убедливо“ – вели Миовски, осврнувајќи се и на синоќешниот пораз од Грузијците.

„Нормално е дека сме разочарани после синоќешниот меч, да изгубиш дома 0-3 е неверојатно и не го очекувавме. Ако дадовме први гол кога доминиравме ќе беше друг натпревар, но го примивме тој прв гол и потоа потоа се продолжи како што не треба за нас, а Грузија тоа го искористи. Треба од овој пораз да извлечеме поуки, да ги анализираме грешките и да ги залечиме раните против Гибралтар“.

Се вчитува...