Смешна прва понуда од Интер до Челси за Лукаку

Интер не ја крие желбата да го врати Ромелу Лукаку од редовите на Челси, но „нероаѕурите“ не се наоѓаат на добар пат да го остварат тоа, особено ако се земе во предвид првата понуда што ја испратија до лондонскиот клуб.

Италијанскиот гигант лани си реши голем дел од финансиските проблеми со сумата од над 100 милиони евра што ја доби за Лукаку, кој се покажа како големо разочарување за Челси. „Сините“ се подготвени да го вратат Лукаку назад доколку добијат интересна понуда, но од Интер јасно ставиле до знаење дека тоа нема да се случи.

„Нероаѕурите“ се заинтересирани само за позајмица, и за тоа понудиле прескромни пет милиони евра. Сумата би можела да порасне над 10 милиони евра ако Интер стане шампион и Лукаку постигне одреден број на голови, но во Челси се разочарани од ваквата проценка на италијанскиот клуб, особено откако „сините“ минатото лето ги задоволија сите барања на Интер за трансферот на „Стемфорд бриџ“ да може да биде комплетиран.

Челси го мерка десниот бек Дамфрис, но Интер не сака ни да чуе за разделба од Холанѓанецот, со што уште повеќе се намалуваат шансите за камбек на Лукаку на „Џузепе Меаца“.

Се вчитува...