Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 18 часот против Гибралтар, ги завршува настапите во Лигата на Нации за оваа сезона, и потоа заминува на пауза. Избраниците на Благоја Милевски важат за огромни фаворити во дуелот со репрезентацијата која ја совладаа со 0-2 на гостински терен. Се очекува сигурна победа на Македонија, и покрај тоа што ќе има многу промени во составот поради повреди, настинки и замор.
Со каков состав и да настапи, Македонија треба да го добие натпреварот, и така на некој начин да ги залечи раните од поразот од Грузија пред неколку дена во Скопје. Грузијците со добра игра во вториот дел на крајот славеа со 0-3, и направија огромен чекор кон првото место на табелата. Ако Македонија сака да остане во игра за позицијата број 1, тогаш никако не смее да си дозволи нов „кикс“.
Според Милевски, против Грузија недостасувал тој завршен пас за да се постигне повеќе. Милевски вели дека и покрај доминацијата цели 60 минути, за жал не била крунисана со водство, по што Грузијците со три гола ја однесоа победата. Селекторот се надева дека овојпат ќе биде подобро и тоа ќе донесе добар резултат.
„Последниот натпревар одигравме 60 мин на високо ниво но ни фалеше тој завршен пас. Мора да бидеме поконкретни во последната линија. Доминантни сме имаме посед, но во таа завршна фаза мора да бидеме поконкретни. Зошто го немаме тој момент има голема улога и формата на самите играчи. Тие се играчите исти кои постигнувале и по пет и по три бода. Факт е дека ни недоасуваше тој момент“, изјави Милевски кој најави дека вечерва шанса ќе добијат и некои нови момци, како на пример Ваљон Етеми.
„После секој изгубен меч нормално е да боли и нормално е да мислиш на поразот. Но, тоа е минато и треба да гледаме напред. Мора да ги поправиме нашите грешки. Јас во соблекувална не гледам дека некој не давал максимум. Тоа е фудбалот и некогаш се случуваат и такви работи. Треба да гледаме напред и да продолжиме кон целта. Атмосферата ќе се врати со добри резултати“, рече Барди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА