Ватутин за Рајковиќ: Зборувавме со многу тренери, но Емил импресионираше…

Првиот човек на ЦСКА Москва, Андреј Ватутин, му посака добредојде на Емил Рајковиќ на клупата на рускиот гигант откако македонскиот стручњак денеска го стави својот потпис на двогодишниот договор со оваа екипа.

Воедно, Ватутин откри како Рајковиќ ги импресионирал него и останатите членови на управата, за од неколкуте кандидати да го изберат токму Македонецот за наследник на Димитрис Итудис.

„Имавме неколку разговори, пред се на видео-линк, но можам да кажам дека Емил Рајковиќ импресионираше со своето кошаркарско знаење, како и со страста и амбициите, способноста да состави тим и во таа екипа да генерира позитивна енергија меѓу стручниот штаб и играчите. Иако досега нема работено во врвни клубови, способноста да остварува резултати и да ги надминува проблемите, како и неговиот очигледен тренерски развој, се работи кои се очигледни и кои придонесоа за нашиот избор. Тој добро го зборува и рускиот јазик, истовремено не ја крие желбата за целосно да го совлада за да има перфектна комуникација. Исто така, Рајковиќ во последните четири години беше дел од ВТБ-лигата, што е многу значајно за нас сега кога не се натпреваруваме во Евролигата, бидејќи тој добро ги познава и играчите и тренерите од регионалното натпреварување. Му посакуваме на Емил што поскоро да се адаптира и да биде дел од новите клупски победи. За возврат, ние ќе сториме се за тој од самиот почеток да се чувствува како дел од семејството ЦСКА“, порача Ватутин.

Се вчитува...