Договорено: Лукаку се враќа назад во Интер

Ромелу Лукаку експресно ќе го заврши кошмарот во Челси и ќе се врати назад во Интер, откако двата клуба имаа успешни преговори за преселбата на белгискиот голгетер.

Челси минатото лето плати 100 милиони фунти за Белгиецот, кој имаше очајна сезона и голем дел од времето мина на клупата за резерви. Интер нема намера да плати ниту приближна сума, па двете страни преговараат за позајмица на најмалку една година. Првата понуда од шест милиони фунти беше одбиена, но на вчерашниот состанок Интер понудил 8,5 милиони фунти, плус два милиони врзани со неколку клаузули.

Новите газди на Челси сакаат што поскоро да биде постигнат договор, по што лондонскиот клуб би се фокусирал на новите засилувања за нападот. Затоа, понудата на Интер официјално ќе биде прифатена во следните 48 часа, а и самиот Лукаку се согласил на намалување на платата за да може да се врати на „Џузепе Меаца“.

По отвореното место во тимот, Челси ќе тргне во завршна офанзива за потпис со Рахим Стерлинг од Манчестер Сити.

Се вчитува...