Ренова во следните часови ќе достави допис до ФФМ дека следната сезона нема да настапува во Првата лига. Како што претходно објави ЕКИПА, „гипсарите“ се одлучиле на ваков чекор сакајќи најпрво да ја решат инфраструктурата, односно да го изградат стадионот и тренинг центарот во Џепчиште, а за тоа време да се натпреваруваат во најнизок ранг.
Потоа после неколку години се најавува „рестарт“ на екипата, враќање во прволигашката конкуренција и тоа со шампионски амбиции.
После објавата на ЕКИПА во саботата, неколку спонзори, клубови побарале од Ренова, сепак, некаква соработка за останување во прволигашката конкуренција.
Дознаваме дека една косовска фирма била најзаинтересирана да го преземе клубот, и да остане во прволигашката конкуренција, а имало и други компании од Македонија и од странство за преземање на тимот. Меѓутоа засега сопственикот на Ренова не прифаќа никакви спонзорства. Во моментов ништо не го премислува газдата на клубот да отстапи од своите намери Ренова да игра во најнизок ранг, се додека не се среди инфраструктурата на клубот.
Во последните два дена имало и барања од неколку клубови за фузирање, но и тие биле одбиени. Една од варијантите беше и екипата да игра со младинци следната сезона, се со цел да не се пресели веднаш во најнизок ранг, но и тоа засега е исклучено како опција.
Ренова има зад себе една шампионска титула, и еден пехар во Купот на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

