Распоред Калчо-лига: Елмас почнува од Верона, Милан на стартот против Удинезе

Новата сезона во Калчо-лигата официјално ќе стартува на 13 август и ќе трае до 4 јуни, со тоа што ќе има пауза од повеќе од еден месец поради одржувањето на СП во Катар, иако Италија нема да биде дел од овој светски шампионат.

Во рамките од првото коло, кое е закажано на 13 и 14 август, Елиф Елмас со Наполи ќе му гостува на тимот на Верона, додека шампионот Милан ќе го пречека Удинезе. Интер ја стартува сезоната со гостување против новиот калчолигаш Лече, Јуве ќе го пречека незгодниот состав на Сасуоло, додека во останатите средби од првата рунда ќе се сретнат Фиорентина – Кремонезе, Лацио – Болоња, Монца – Торино, Салернитана – Рома, Специја – Емполи и Сампдорија – Аталанта.

Последното коло пред мундијалот ќе се одржи на 13 ноември, а сезоната потоа ќе продолжи на 4 јануари, со дерби дуел меѓу Интер и Наполи.

Првиот дерби-дуел ќе го проследиме во второто коло, кога Милан во Бергамо ќе му гостува на тимот на Аталанта, а во третата урунда ќе може да се проследат дуелите Јувентус – Рома и Лацио – Интер.

Градското дерби меѓу Милан и Интер ќе биде дел од петтата рунда, Милан ќе го пречека Јувентус во деветтото коло, додека првиот дуел меѓу Интер и Јувентус ќе биде дел од 13. коло (закажано за 6 ноември) на „Џузепе Меаца“ во Милано.

Се вчитува...