Николов: Не сме го загубиле мотивот, ќе се бориме до крај

Иако составот е доста подмладен, со некои нови, млади кошаркари, сепак мотивот за успех, за прва победа во квалификациите за Светскиот Куп 2023 е голем кај сите кои веќе трет ден вредно работат во А1 Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје,

Еден од нив е Кристијан Николов, еден од најстандардните во изборите на селекторот Драган Бајиќ, и кој веројатно ќе има доста голем простор за игра и на претстојните мечеви од квалификациите. Прво оној на 1 јули во Сарагоса, потив актуелниот светки првак, и лидерот во нашата квалификациска група – Шпанија. И три дена подоцна на домашен терен, против Украина.

Нашиот плејмејкер потенцира дека најважно е да се борат до самиот крај, дека мора да се даде максимумот, и над сè, да се одигра чесно до крајот на оваа квалификациска трка.

„Очекувам да дадеме се од себе и да имаме борба за секоја топка. Подмладени сме, тоа е точно, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Секој од нас знае што значи да се игра за Македонија и ветуваме дека ќе го дадеме максимумот. Прв предизвик ни е Шпанија и ние ќе се бориме до крај. Потоа следи Украина на домашен терен. Сакаме победа, затоа што мотивот не е загубен и покрај тоа што сме некомплетни. Ние играме за репрезентацијата и не е важно каков тим имаме, туку мора да бидеме чисти пред себе и да го дадеме најдоброто. Наше е да се бориме до крај. Во овој тим дојдоа и неколку млади играчи. Знам за нив дека ќе дадат се од себе. Ние еден на друг не гледаме како млад и стар, и не се делиме, туку се гледаме како играчи кои можат да играат за репрезентацијата и затоа се овде“, вели Николов.

 

Се вчитува...