Роналд Куман, поранешниот тренер на Барселона, а наскоро и селектор на Холандија, одлучи да проговори за својот последен ангажман во славниот шпански клуб и да објасни што се случувало во неговиот тренерски мандат.
Холанѓанецот во 67 натпревари запиша 39 победи, 12 нерешени и дури 16 порази, а во неговиот мандат Барселона ги претрпе едни од најтешките порази на европската сцена. На крајот доби отказ, а на негово место дојде Чави.
„Всушност ми беше олеснување кога добив отказ. Не знам што очекуваа од мене, баш во мојот тренерски мандат останав без Меси… тоа беше многу тежок удар. Покрај тоа, претседателот Лапорта направи грешка. Можете да се сомневате во вашиот тренер, но тоа не го кажувајте јавно. Имав навистина тежок третман. Кога дојдов, воопшто немаше претседател, а потоа дојде Лапорта, кој се сомневаше во мене“, истакна Куман.
Холанѓанецот беше критикуван и за отстапување од стилот на игра на Барселона, познатото „тика-така“.
„Секогаш сум за доминантен фудбал. Ако играш со тројца стопери и пет во одбрана, не можеш да кажеш дека тоа е дефанзивен фудбал. Па, ги одигравме најдобрите игри во тој систем во последните неколку години. Најдобар пример е финалето на ‘Купот на кралот’ против Атлетик Билбао. Барселона живее во минатото со формација 4-3-3 и тој ситем ‘тика-такa’. Фудбалот стана побрз, физички потешки. Не можете да живеете во минатото“, рече Куман кој додаде дека ангажманот на Левандовски ќе биде грешка за каталонскиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

