ЕКИПА во Сарагоса,
Стеван Цаневски
Војдан Стојановски ги надмина проблемите по тешката повреда на коленото, се врати и ja освои титулата со МЗТ Скопје, а искусниот бек сега е максимално насочен на обврските кон македонската репрезентација.
Јасно е дека домаќинот ќе ја има фаворитската улога на денешниот меч закажан за 19.30 часот, но за Војдан многу важно е како нашите кошаркари ќе изгледаат на теренот во Сарагоса.
„Пред се треба да покажеме фокус и енергија. Знаеме колку брза кошарка играат Шпанците и затоа многу важно ќе биде да покажеме енергија, да им се спротивставиме на терен. Мислам дека и ние ќе играме со сите кошаркари во текот на мечот, нешто што е многу важно за да се издржи темпото што противникот ќе се обиде да го наметне. Тие неслучајно се актуелни светски шампиони и секогаш се меѓу најдобрите четири селекции на големите натпреварувања, а ние треба да ја искористиме можноста што играме со Шпанија за да се покажеме во што подобро светло против еден така силен ривал“, вели македонскиот капитен.
Војдан Стојановски е оптимист околу иднината на македонската кошарка со оглед на новите имиња кои доаѓаат, а на помладите им порачува максимално да ја искористат шансата на играње со силни ривали како што е Шпанија.
„Доаѓа нова генерација на македонски кошаркари , кои се навистина супер момци, талентирани кошаркари кои се желни да работат и уште повеќе да напредуваат во кариерите. Тука се Тео Симиќ, потоа Рубин Стефанов, во составот го имаме и Андреј Јакимовски, дебитира и Ташовски… за сите тие кои не играле на едно вакво ниво, против ривал кој е меѓу најсилните во Европа, ова е одлична можност на терен да видат до каде се стигнати со својот кошаркарски развој и на што треба да работат во иднина. Сите ние ќе сториме се за да одиграме што поквалитетно, но она што најмногу можеме да го добиеме е овие млади играчи, да добијат искуство, да напредуваат низ вакви силни натпревари и во иднина да прикажуваат уште подобри игри“, изјави Војдан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА