ЕКИПА во Сарагоса,
Стеван Цаневски
Македонската кошаркарска репрезентација претрпе убедлив пораз од 80-44 на гостувањето против Шпанија, резултат со кој по триумфот на Украина над Грузија нашите кошаркари ги загубија сите шанси за пласман во следната квалификациска рунда за СП. Поразот беше очекуван, но исто така се очекуваше и подобро изание од македонскиот состав, кој остана во целосна сенка на големиот фаворит. Добро се парираше само во првата четвртина во која погодивме пет тројки, но остатокот од мечот мина во апсолутна немоќ во нападот што домашните кошаркари знаеја како да го претворат во убедлива победа.
Мечот го почнавме нервозно во нападот, но затоа со ангажирана игра во одбраната не им дозволивме на домаќините од самиот старт да наметнат силно темпо. Крстевски ги постигна првите поени за Македонија во третата минута од мечот за 2-2, но Саиз ни создаваше проблеми во рекетот, постигнувајќи ги првите шест поени за Шпанците. Крстевски погоди тројка и донесе прво водство на нашата селекција (6-7). Одличниот шут од дакечина продолжи, Тео Симиќ по влегувањето во игра погоди две тројки, па Македонија по осум минути играше имаше водство од 14-16.
Првата четвртина ја завршивме со негатива од два поени (19-17), а вториот период го отворивме со две промашени слободни фрлања на Мекиќ. Шутот веќе не ги служеше македонските кошаркари како во првите 10 минути, шпанскиот состав знаеше како да го искроисти тоа, па со серија прецизни шутеви „црвената фурија“ на стартот од вториот период поведе со 33-21, принудувајќи го Бајиќ на тајмаут. Криата во нападот продолжи, Македонија повеќе од седум минути беше без постигнат поен, а Шпанците тоа безмилосно го казнија и стигнаа до огромни „плус 20“ (41-21). „Постот“ без поени конечно го прекина Андреј Јакимовски, но нашите кошаркари сепак заминаа на одмор со убедлива негатива од 45-23.
Војдан Стојановски погоди тројка на стартот од второто полувреме, но проблемите во нападот продолжија, па овие поени на капитенот беа единствени на Македонија во првите четири минути од четвртината. Домашните кошаркари продолжија да доминираат, во 30. минута поведувајќи с0 31 поен разлика, постигнувајќи двојно повеќе поени од Македонија (62-31).
Завршните десет минути минаа во слична слика на теренот, Андреј Јакимовски само за момент блесна, но Шпанците повторно заиграа поцврсто во одбрана и ја зголемија својата позитива. Во завршните 65 секунди шанса во сениорскиот состав доби и Рубин Стефанов, синот на македонската кошаркарска легенда Врбица Стефанов. На крајот, натпреварот заврши со конечни 80-44, петти пораз во низа на Македонија од стартот на овие квалификации.
Андреј Јакимовски со 14 поени беше единствен двоцифрен во македонската репрезентација, по седум постигнаа Николов и Крстевски, а шест поени реализираше Симиќ (сите во првата четвртина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА