Заниоло му кажа „ДА“ на Јувентус, но најтешкото допрва претстои

Јувентус продолжува со преговорите за ангажман на нови засилувања, со кои „старата дама“ по две години пауза би се вратила назад на тронот на италијанскиот фудбал. Пол Погба би требало да биде нов командант на средниот ред на Јуве, за инвентивноста и креирањето на шанси ќе се грижи Анхел ди Марија, кој ќе потпише во следните денови како слободен играч, а приоритет за „црно-белите“ од Торино сега е комплетирање на трансферот на Николо Заниоло.

Крилниот офанзивец имаше многу малери со повредите на почетокот од професионалната кариера, но во Јуве се убедени дека тоа е оставено зад него и Заниоло допрва ќе почне да прикажува игри  какви што се очекуваат од овој фудбалер. Разговорите со самиот играч вродиле со плод, Заниоло ја прифатил понудата за четиригодишен договор со „старата дама“, но сега претстои најтешкиот дел од задачата – наоѓање на заеднички јазик со Рома околу висината на отштетата.

„Волчицата“ инсистира на 50 милиони евра, додека Јувентус нема намера оваа сума да ја плати одеднаш. „Старата дама“ сака позајмица што би била платена околу 10 милиони евра, со клаузула за откуп од дополнителни 30-40 милиони евра (на сличен начин беше доведен Киеза од Фиорентина). Рома во една ваква варијанта бара на позајмица некој од помладите фудбалери на Јуве, опција што „црно-белите“ ја одбиле. Се очекува преговорите да продолжат, но јасно е дека Рома ќе настојува да добие најмногу што може за да даде зелено светло за преселба на својот голем талент во редовите на лутиот ривал.

Се вчитува...