Кристијано Роналдо не ја крие желбата летово да замине во клуб што е поамбициозен од Манчестер Јунајтед, но „црвените ѓаволи“ немаат намера толку лесно да се откажат од еден од најдобрите фудбалери на денешницата.
Роналдо не се гледа себе си како член на Јунајтед во новата сезона, па Португалецот реши да направи дополнителен притисок врз клубот, доцнејќи на подготовките под водство на новиот тренер Ерик тен Хаг. Холандскиот стручњак уште пред неколку дена ја имаше првата прозивка, Роналдо требаше да се приклучи денеска, но тоа нема да се случи. Официјалните информации велат дека Кристијано навел дека поради семејни причини ќе доцни неколку дена, оправдување што било прифатено од клубот, но неофицијално, ова е само доказ плус дека Португалецот притиска за заминување од „Олд Трафорд“.
Самиот Тен Хаг сака да го задржи Кристијано, но не по секоја цена. Тој веќе разговарал со клупските директори и им соопштил дека во екипата сака само играчи кои се среќни во Јунајтед и горди што се дел од овој клуб. Доколку Роналдо биде продаден, Тен Хаг побарал од управата на негово место да биде доведен Ентони, бразилскиот напаѓач од редовите на Ајакс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

