Јовиќ дојде во Реал за 65 милиони евра, денеска си заминува „гратис“

Лука Јовиќ ќе остане запаметен како едно од најголемите трансфер-промашувања во историјата на Реал Мадрид откако српскиот ас конечно ги договори деталите за заминување од „Сантијаго Бернабеу“.

Фиорентина ќе биде новиот клуб на Јовиќ, кој денеска и официјално треба да го потпише договорот, а на 9 јули ќе ја има и официјалната промоција во Фиренца. Она што е интересно, тој нема да замине на позајмица, туку ќе потпише за „виолетовите“ во перманентен трансфер. Реал се согласил да не бара никаква отштета, само да се ослободи од обврските кон Србинот, па дури и ќе му исплати „отпремнина“ поради разликата во плати што ја земаше во Мадрид со онаа што ќе ја заработува во Фиренца.

Според договорот на двата клуба, Фиорентина ќе има обврска да му плати на Реал половина од сумата за која Јовиќ би бил продаден во наредните две години, ако ваков трансфер воопшто се случи. Ако Србинот го продолжи престојот на „Артемио Франки“, оваа обврска на Фиорентина кон „кралевите“ исчезнува.

Јовиќ ќе потпише двогодишен договор со „виолетовите“ за плата од 2,5 милиони евра, со можност за продолжување на соработката за уште две години, период во кој тој би имал пет милиони евра годишна плата во Фиренца.

Се вчитува...