После информацијата дека Кристијано Роналдо не се појави на стартот на подготовките на Манчестер Јунајтед и дека ќе си замине од „Олд Трафорд“, се појави шпекулација која доколку се оствари дефинитивно ќе одекне како „нуклеарка“ во светот на фудбалот. „АС“ пишува дека претседателот на Барселона Жоан Лапорта и менаџерот на Роналдо Жорж Мендеш биле на вечера и разговарале за можноста Португалецот да се пресели на „Ноу Камп“.
Роналдо изрази желба да си оди од Јунајтед и да игра во Лигата на шампионите. Но, нема многу опции пред себе. Со 37 години веќе е во залезот на кариерата, а малкумина се оние кои може да си ја дозволат неговата плата од 25 милиони евра годишно.
Се споменуваа досега Баерн Минхен, Наполи, Рома, Челси, некои демантираа, а некои и натаму не се огласија огицијално. Во меѓувреме стигна бомбастична вест дека Роналдо би можел да го облече дресот на Барселона, големиот ривал на Реал Мадрид каде што Роналдо играше девет години. Потоа се пресели во Јувентус, па се врати во Манчестер Јунајтед.
Наводно синоќа се сретнале Лапорта и Мендеш, а повеќе пати бил споменуван Роналдо. Барселона веќе нема финансиски проблеми, може да си дозволи вакви засилувања, па така само прашање е дали Роналдо ќе сака да игра во лутиот ривал на неговиот поранешен клуб. Се споменува дека двајцата разговарале и за Рубен Невеш, Бернардо Силва и Рафаел Леао, кои се под „капата“ на споменатиот менаџер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

