Дамјан потпиша: Сега играч, потоа во управата на МЗТ – Кога двајца се сакаат, лесно е да се договорат

Дамјан Стојановски денеска и официјално потпиша нов договор со екипата на МЗТ Скопје, откако долгогодишниот капитен ги договори условите за нова едногодишна соработка со актуелниот првак на Македонија.

Со тоа, Дамјан ќе остане член на МЗТ и во претстојната сезона во која аеродромци ќе бидат дел од АБА1-лигата, а голема новост е постигнатиот договор Стојановски по завршувањето на играчката кариера да стане дел од управата на „металците“.

„Како што и доликува, капитенот Дамјан Стојановски е првиот кошаркар кој летово ја обнови соработката со МЗТ Скопје Аеродром, со што продолжи љубовта која веќе една деценија постои помеѓу клубот и легендата на македонската кошарка. Кога двајца се сакаат и почитуваат, договор лесно се постигнува, па така и официјално може да потврдиме дека нашиот Дамјан и десетта сезона ќе го носи сино-белиот дрес. A, дека „врската“ е сериозна и е на долги патеки говорат и плановите на управата за негово вклучување во клупскиот менаџмент, секако откако ќе реши да ја заврши играчката кариера“, објави МЗТ Скопје.

Дамјан Стојановски е дел од МЗТ од 2012 година, кога пристигна од редовите на Лукоил Академик. Во тој период Стојановски дојде до седум шампионски титули, пет трофеи во Купот на Македонија и три во Суперкупот. Единствено не беше дел од „металците“ само во сезоната 2016/17, кога се опоравуваше од тешката повреда добиена на меч за македонската репрезентација.

Се вчитува...