ТФТ доведе одлично засилување за наредната натпреварувачка сезона откако постигна договор за едногодишна соработка со Донован Доналдсон. Станува збор за плејмејкер кој е добро познат во македонските кошаркарски кругови по одличните настапи што ги имаше во дресот на Гостивар.
Тој беше предводник на „сино-белите“ под водство на тогашниот тренер Марјан Србиновски, но во период на криза поради коронавирусот реши да го напушти клубот, се пресели во унгарскиот ЈКСЕ, за две години подоцна повторно да се врати на македонската кошаркарска сцена.
ТФТ прави рокади во тимот во однос на минатата сезона, тренерот Смилковски на располагање ќе ги има Костоски и новопечениот репрезентативец Ташовски, но јасно е дека со доаѓањето на Доналдсон играта на актуелниот освојувач на Купот на Македонија ќе добие на брзина и експлозивност.
Донован Доналдсон е петтото засилување на ТФТ за новата сезона, откако овој клуб претходно потпиша договори со домашните играчи Борјан Стојановски и Дамјан Крстевски, како и Американците Тревор Џасински и Трент Батрик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА