Рахим Стерлинг по седум години поминати во Манчестер Сити ги промени клупските бои и од следната сезона ќе биде дел од Челси. Лондонскиот и манчестерскиот клуб постигнаа договор за трансфер вреден околку 47,5 милиони евра по кој ќе стане еден од најплатените играчи во составот на Томас Тухел.
Англичанецот емотивно се прости од својот доскорешен клуб заблагодарувајќи се за поддршката во текот на годините.
„До тренерите кои имаа огромна улога во креирањето на играчот кој сум денеска. До соиграчите кои станаа повеќе од луѓе со кои го делам теренот. До луѓето инволвирани во клубот. До навивачите кои неуморно не поддржуваа. Мојата почит не може да биде поголема. Благодарен сум за сите подеми и падови. Дојдов во Манчестер како 20 годишно момче, а заминувам како маж. Ви благодарам. Чест е што го носев дресот на Манчестер Сити“, напиша Стерлинг.
27-годишникот за Манчестер Сити одигра 337 натпревари во сите конкуренции. Постигна 131 гол и 94 пати асистираше до своите соиграчи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

