Македонскиот фудбалски прволигаш, Академија Пандев денеска ќе го одигра реванш натпреварот против полска Лехија Гдањск во 1. коло од „најмладото“ фудбалско европско натпреварување Конференциската лига.
Тренерот на Академија Пандев, Ѓорѓе Стојчев пред реванш дуелот со полската Лехија Гдањск нагласува дека неговиот тим нема намера воопшто предвреме да се предаде и покрај високата предност од 4-1 на Полјаците од првата средба.
„Жалиме за резултатот од првата средба, игравме добро, не искористивме шанси, без разлика каков е резултатот од првиот меч, веруваме во успех. За нас утре е голем фудбалски ден, веруваме дека можеме до следната рунда, Марко Ѓорѓиевски е повреден, и нема да игра, како и Бојан Димовски и Коста Манев кои се повредени. Влегуваме во мечот да победиме, тоа е нашата желба“ – истакна Стојчев на денешната прес-конференција, притоа дополнувајќи:
„Уште со самата ждрепка знаевме дека го добивме можеби најтешкиот противник во првото коло. Во Полска испуштивме многу шанси, утре не се откажуваме, веруваме во екипата, ќе одиграме офанзивно, екипата ќе направи се за успех, ќе одиме до крај. Европските натпревари се тешки за нас, се игра со висок ритам, ако утре одиграме како во Полска, во Скопје можеме да се надеваме на добар резултат. Утре Академија Пандев мора да одигра перфектен натпревар, без грешка, Лехија има одлични напаѓачи, како тим треба да одиграме, агресивно и силно, и секако тимски“.
Искусниот дефанзивец на Академија Пандев, Диме Димов најавува максимална борба негова и на соиграчите…
„Ќе одиграме максимално утре, резултатот од првиот меч е нереален затоа што таму одигравме добар офанзивен фудбал со многу создадени но неискористени шанси. Сега ќе направиме се да одиме во следната рунда. Утре ако сакаме чудо, треба да не примиме гол, треба да бидеме 200% подготвени да го дадеме максимумот, тие казнуваат секоја грешка. Спортски е да се надеваме дека со брз гол, можеме до чудо“ – вели Димов.
Натпреварот кој ќе се игра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје е закажан за во 17 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА