Партизан не запира со засилувањата, следен е грчкиот „ѕвер“ од Панатинаикос

Партизан конечно успеа да обезбеди влез во Евролигата, а управата на „црно-белите“ прави се за да состави квалитетен тим со кој тренерот Жељко Обрадовиќ нема да има епизодна улога во елитното европско натпреварување.

Голема желба на белградскиот клуб е грчкиот репрезентативец Јанис Папапетру, крилниот кошаркар кој имаше одлични игри во дресот на Панатинаикос, но инсистира летово да си замине од „зелените“ од Атина. Тој беше избран за МВП на грчкиот шампионат, Папапетру во Евролигата имаше просек од 12,1 поени и 4,1 скокови по натпревар, а Обрадовиќ е убеден дека токму овој кошаркар е „алката што му недостига“ на Партизан за овој тим да ја освои титулата во АБА, но и да има забележителен настап во Евролигата.

Панатинаикос е подготвен да даде зелено светло за трансфер на Папапетру, но само доколку добие отштета од 400.000 евра. Оваа сума го „олади“ Фенербахче, кој претходно се интересираше за грчкиот кошаркар, но според српските медиуми Партизан е подготвен за преговори и исплата само за да ја исполни големата желба на својот тренер.

Само за потсетување, Партизан досега летово ги ангажираше Данило Анџушиќ, Данте Егзум и Џејмс Нанели. Клубот во однос на ланскиот ростер го напуштија Куруц, Дангубиќ, Загорац и Мур, а неизвесна е иднината на Лесор и на Мадар.

Се вчитува...