Интер два месеци преговараше, но Бремер ќе потпише за Јувентус

Јувентус е на добар пат да осигура огромна победа на трансфер-пазарот откако „старата дама“ влезе во завршна фаза за ангажман на Желсон Бремер. Станува збор за бразилски репрезентативец кој зад себе има одлична сезона во дресот на Торино, што го направи најпосакуван дефанзивец меѓу италијанските фудбалски гиганти.

Интер повеќе од два месеци води преговори со Торино, но Марота не успева да ги договори деталите од трансферот на Бремер. Челниците на Јувентус го искористија тоа и нецели 48 часа по продажбата на Матијс де Лихт се фокусираа целосно на Бразилецот од градскиот ривал, договарајќи ги личните услови. На Бремер му е понудена повисока плата од она што му го даваше Интер, а самиот фудбалер инсистирал и да ја земе „тројката“ на Јуве што до неодамна му припаѓаше на легендарниот Џорџо Кјелини, желба што челниците на „старата дама“ ја прифатиле.

Во преговорите меѓу клубовите Јувентус понудил загарантирани 40 милиони евра,плус дополнителни седум милиони преку клаузули, сума значително повисока од оние 35 милиони, колку што изнесуваше највисоката понуда на Интер. „Торинезите“ решија да ја прифатат оваа понуда, па се очекува Бремер во наредните денови по лекарските прегледи да потпише петгодишен договор со Јувентус.

Се вчитува...