Ерик тен Хаг бележи добри резултати на првите контролни средби на Манчестер Јунајтед, но на холандскиот стратег му е јасно дека ќе мора дополнително да го засили тимот доколку сака да се бори за трофеи во новата сезона. „Црвените ѓаволи“ досега ги ангажираа Ериксен, Лисандро Мартинез и Маласија, но како „најтенок“ дел од тимот останува нападот.
Марсијал, Санчо и Рашфорд го понесоа товарот на стартот од подготовките, се уште е неизвесно дали Кристијано Роналдо ќе остане во тимот, па јасно е зошто Тен Хаг инсистира на доведување на нов врвен голгетер.
„Сезоната е навистина долга и доколку сакате да бидете успешни неопходно е да имате што повеќе опции. Факт е дека во нападот немаме преголем избор на играчи и јасно е дека би сакал барем уште еден играч за овој дел од екипата“, изјави Тен Хаг.
Јавна тајна е дека негова прва желба е Бразилецот Ентони од Ајакс, но управата на Јунајтед јасно стави до знаење дека нема намера да плати 80 милиони евра, колку што холандскиот клуб бара за овој фудбалер. Сепак, ситуацијата би можела да се промени доколку Роналдо си замине од „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

