Неизвесноста околу статусот на португалскиот ас расте иако тој е подготвен да игра за 30 отсто помала плата. Нема ни најмала индикација каде ќе игра Кристијано Роналдо оваа сезона. На португалскиот ас од ден на ден му снемува време и останува без опции за евентуален трансфер во клуб кој веќе има обезбедено учество во Лигата на шампионите.
Иако има активен договор со Манчестер Јунајтед уште една година (со опција за плус една), КР7 одамна најави дека сака да го напушти „Олд Трафорд“ ова лето. Но, тој нема соодветна опција која одговара на неговите цели и амбиции.
Роналдо полека станува проблем кој ја нарушува атмосферата во Манчестер Јунајтед. Тимот под команда на новиот тренер Ерик Тен Хаг одамна ги започна подготовките и пријателските натпревари, но Роналдо не се појави. Отсуството е оправдано со несоодветниот изговор за „семејни проблеми“. Додека Тен Хаг воигрува игра нов тим и се обидува да изгради добра атмосфера, тој е принуден да се справува со статусот на Роналдо на секоја прес-конференција, иако ништо не зависи од него.
Сите претходни планови на Жорже Мендеш паднаа во вода. Тој најпрво го понуди својот клиент на Баерн, но „Баварците“ му се заблагодарија. Потоа му го понуди на шефот на Челси, Тод Боли, кој беше добро расположен, но тренерот Томас Тухел се спротивстави на ангажманот на португалскиот напаѓач. Што не значи дека приказната дефинитивно е завршена.
Мендеш претходните денови го испроба стариот маневар со Роналдо за да го понуди на Реал Мадрид. Како што минатата година ги искористи наводните преговори со Манчестер Сити за да го вовлече Јунајтед во трката, така и ова лето се обиде со Атлетико.
Реал Мадрид не беше фатен во замката. Смирено остави да поминат сите приказни за враќањето на Роналдо во Мадрид. На „Кралскиот клуб“ не му треба Португалецот и Флорентино и Анчелоти не сакаат да се мешаат во таа приказна.
За Кристијано Роналдо ова се можеби најтешките денови во кариерата во последните петнаесет години. Но и за неговиот менаџер Жорже Мендеш. Се чини дека славата и влијанието на суперагентот полека исчезнуваат додека неговиот најпознат клиент се приближува кон крајот на кариерата. Мендеш во минатото го тресеше фудбалскиот пазар и правеше што сака. Денес, неговите врати полека се затвораат една по друга.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

