Нагелсман: Проблемот со Кејн е што е многу скап, но …

Баерн Минхен ја продолжува потрагата по врвен голгетер што би го наследил Роберт Левандовски како нова „деветка“ на најтрофејниот германски клуб. Се уште е неизвесно дали тренерот Нагелсман на Садио Мане гледа како на крилен офанзивец или на класичен напаѓач (позиција на која играше за Ливерпул во последните неколку месеци од минатата сезона), а во меѓувреме баварците будно ја следат ситуацијата со Хари Кејн.

Англискиот репрезентативец делува фокусирано на настапите за Тотенхем по серијата засилувања на лондонскиот клуб во текот на летово, но во Баерн не се откажуваат од намерата да испратат понуда за негов трансфер.

„Кога говориме за Хари Кејн, јасно е дека тој е еден од најдобрите напаѓачи на денешницата. Проблемот со него е што тој е многу скап, но тоа не значи дека ќе се откажеме. Ќе бараме начин да дојдеме до него доколку стане достапен на пазарот“, изјави тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман.

Германските медиуми најавуваат дека Кејн ќе биде „прв пик“ на Баерн наредното лето, кога асот на Тотенхем ќе влезе во последната година од договорот со „спарси“. Се очекува тоа значително да ја намали и неговата вредност, па во Баерн се надеваат дека со понуда од 60 милиони евра следниот јули би можеле да го купат Кејн.

Се вчитува...