Младите кошаркари преслушани и од Летонија

Младинската репрезентација на Македонија загуби убедливо уште еден меч на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Грузија, откако нашите кошаркарски надежи беа поразени од Летонија со 62-85 во разигрувањето од петтото до осмото место. По вчерашниот убедлив пораз во четвртфиналето од Естонија, избраниците на селекторот Василев денеска немаа сили да му се спротивстават на летонскиот состав, кој вчера минимално го загуби своето четвртфинале со големиот фаворит Србија.

Сите дилеми околу победникот беа разрешрени уште во првото полувреме, во кое македонската одбрана никако не успеваше да ги запре налетите на противникот. Летонците веќе по десет минути игра имаа предност од 15-27, за на одмор да заминат со „плус 15“ (32-47). Македонија не само што немаше сили за камбек, туку нашите кошаркари не можеа да го запрат налетот на противникот, на крајот губејќи го овој меч со убедливи 23 поени разлика.

За немоќта на нашиот напад доволен доказ е фактот дека ниту еден играч не стигна до двоцифрен број на поени, а најефикасни беа Данаиловски, Наков, Хот и Митревски со по осум пени.

Се вчитува...