Многу лесно може да се случи репрезентацијата на БиХ воопшто да не учествува на претстојниот Евробаскет 2023 што ќе стартува за нешто повеќе од еден месец, откако Кошаркарската Федерација на БиХ се пожали на огромни финансиски проблеми за да може да ја затвори финансиската конструкција.
Челниците на „куќата на кошарката“ се пожалија дека во наредниот период треба да организираат учества на вкупно шест селекции во младинските и во сениорската категорија, но барањата за финансиска помош засега останале без конкретен одговор.
„Имаме огромни трошоци и никако не успеваме да ја затвориме финансиската конструкција кога станува збор за репрезентациите. Не можеме да разбереме, како може да има пари за одредени клубови, но не и за националните селекции кога ќе бараме помош. Особено за кошаркарите, кои имаат донесено толку многу радост на народот. Затоа ќе бидеме директни и отворени: Настапите на претстојните европски и светски натпреварувања се под сериозен знак прашалник. Пари нема, не гледаме излез и не е далеку моментот кога ќе бидеме приморани јавно да го откажеме учеството. Не ни требаат честитки, можеби овојпат нема ни да имате што да честитате. Не ја вртете главата на друга страна, овде имаме сериозен проблем“, се вели во соопштението на Кошаркарската Федерација на БиХ.
Сениорската селекција на БиХ се наоѓа во групата Б од Евробаскет 2023, што ќе се игра во Келн и во која за противници треба да ги има Германија, Франција, Литванија, Словенија и Унгарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

