Лудиот план на Ливерпул: Ќе плати 100 милиони евра за играч што ќе дојде следното лето

Ливерпул ја проби бариерата од 100 милиони евра за трансфер откако го договори доаѓањето на Дарвин Нуњез од Бенфика, а Јирген Клоп и директорот Џулијан Ворд се подготвени за нов сличен маневар. Со таа разлика, што супертрансферот би бил договорен и делумно платен уште летово, а ќе се реализира во јули 2023 година.

Станува збор за Џуд Белингем, суперталентираниот играч за врска на Борусија Дортмунд за кого Јирген Клоп има исклучително високо мислење. „Црвените“ го посакуваа Белингем уште летово, но ставот на Борусија е јасен – клубот може да го напушти само една суперѕвезда, а откако тоа го стори Ерлинг Халанд јасно е дека за Англичанецот вратата за заминување е затворена. Во Ливерпул сепак не се откажуваат и најавуваат почеток на преговорите, со тоа што трансферот би бил реализиран по завршувањето на сезонава. „Црвените“ не сакаат да влезат во наддавање за Белингем следното лето, поради што се подготвени да платат 100 милиони евра, една четвртина од оваа сума во наредните месеци, само за да го осигураат потписот на големиот ас.

Англискиот вицепрвак пред неколку години на ист начин го осигура трансферот на Наби Кеита од Лајпциг, потпишувајќи договор што стана валиден дури по завршувањето на актуелната сезона. Сега, обидот е на ист начин да се заврши и доаѓањето на Белингем, кој без сомнеж би бил суперзасилување за тимот предводен од Јирген Клоп.

Се вчитува...