Милан шокиран во пријателски меч во Унгарија

Работите не се одвиваат според очекувањата на раководството и стручниот штаб на Милан на почетокот од летово, „росонерите“ не ги добија посакуваните засилувања (Ботман и Ренато Санчез), а тимот игра слабо и на контролните натпревари.

Доказ за тоа беше и денешното гостување во Унгарија, каде италијанскиот првак неочекувано загуби со 3-2 од екипата на Залаегерсег. Дуелот почна кошмарно за „росонерите“, кои веќе во втората минута примија гол за 1-0, а до 27. минута веќе беа целосно нокаутирани, за негатива од 3-0 по погодоците на Убочиома, Мочи и Тајти.

Жиру од пенал намали на 3-1 уште во првото полувреме, а „росонерите“ и покрај поголемиот посед на топката не успеаја целосно да се вратат во мечот, туку само да го ублажат поразот со голот што во самиот финиш го постигна Круниќ.

Јасно е, нема простор за паника по слабо издание на пријателски натпревар, но исто така е очигледно и дека на Пиоли му се неопходни квалитетни засилувања за да ја одбрани титулата во Калчо-лигата, која во новата сезона ќе биде уште посилна од лани.

Се вчитува...