Симеоне се премислува, но за да дојде Роналдо мора да си замине овој играч

Шансите за преселба на Кристијано Роналдо од Манчестер Јунајтед во Атлетико Мадрид значително се зголемија откако тренерот Диего Симеоне даде зелено светло за овој трансфер, доколку управата успее да најде заеднички јазик со „црвените ѓаволи“ и да го договори пристигнувањето на португалската суперѕвезда. Без оглед на лутото ривалство од изминатите години, Симеоне е свесен дека играч со победнички менталитет како Роналдо би му бил од огромна помош на неговиот тим, кој лани имаше сериозни проблеми со ефикасноста.

Сепак, за да се случи еден ваков мегатрансфер Атлетико најпрвин ќе мора да се ослободи од Антоан Гризман, кој е најплатен фудбалер на „јорганџиите“, но со игрите што ги покажува не ги импресионираше ниту навивачите ниту челниците на клубот по враќањето од Барселона. Атлетико ослободи дел од буџетот со заминувањето на Луис Суарез, но за да се покрие платата на Роналдо, дури и доколку Португалецот се согласи на намалување од 30% за да дојде во Мадрид (како што шпекулираат португалските медиуми), неопходно ќе биде да си замине Гризман.

Проблем претставува фактот што засега ниту еден клуб не искажал посериозен интерес за да го доведе Французинот во своите редови, но не се исклучува можноста Атлетико да го понуди Гризман на Манчестер Јунајтед, во директна размена за Роналдо.

Се вчитува...