Ставрев ќе суди во Чешка, Стојчевски во Грузија

Нашиот најдобар судија, интернационалецот Александар Ставрев, од страна на Судиската комисија на УЕФА е одреден за главен судија на квалификационата средба за Лига на шампионите меѓу првакот на Чешка, Викторија Плзењ и финскиот шампион Хелсинки на 26 јули. Ќе му помагаат Дејан Костадинов и Куштрим Лика, додека четврти судија ќе биде Јован Качевски.

Ова ќе биде трет меч на кој Ставрев ќе и суди на Плзењ во неговата богата судиска меѓународна кариера. Досега ги судеше мечевите Барселона – Викторија Плзењ и Викторија Плзењ – Арарат.

Младиот судија Игор Стојчевски, кој е неполна година на интернационална листа, туку што се врати од Израел, каде судеше на четири натпревари на Европското првенство за млади фудбалери до 17 години, доби нова задача од УЕФА. Тој ќе биде главен судија на квалификационата средба на Конференциската лига на Европа во Грузија, на мечот меѓу Динамо Батуми и Лех од Полска кој се игра на 28 јули. Ќе му помагаат Гоце Петрески и Слаѓан Марковски, четврти судија ќе биде Стојан Трпчевски.

Ќе патува и единствениот делегат од Македонија на листата на УЕФА Васко Дојчиновски кој на 28 јули ќе биде делегат на квалификационата средба за Конференциската лига на Европа во Елбасан меѓу албанскиот претставник Лачи и Петрокуб Нинцести од Молдавија.

На Европското сениорско првенство за жени кое се одржува во Англија, десет дена во градот Саутемптон престојуваше одговорниот за безбедност и дигинитет на ФФМ Роберт Марковиќ кој се грижеше за безбедноста на репрезентативките кои играа претквалификациони натпревари во Б групата, додека нашата најдобра судијка Ива Пројковска се уште е во Англија. Досега беше четврти судија на пет натпревари.

 

М.М.

.

Се вчитува...